Вредноста на историските документи – Разговор со проф. д-р. Ванчо Ѓорѓиев
По повод Денот на независноста на Р. Македонија
На 8-ми септември 1991 година 95% од граѓаните кои што излегле на референдум, одговориле позитивно на прашањето “Дали сте за самостојна Македонија со право да стапи во иден сојуз на суверени држави на Југославија?„. Официјалниот извештај од Комисијата за спроведување на Референдумот, вели дека истиот поминал без поднесени приговори, жалби, неправилности или повреди на законски одредби. Референдумот бил успешен.
Македонците се изјасниле “за„ самостојна, суверена и независна Република Македонија.
По Референдумот, на 17 Септември 1991 година е потпишана и Декларацијата по повод плебисцитарно изразената волја на граѓаните за суверена и самостојна македонска држава Македонија, донесена на седницата на Собранието на РМ одржана тој ден.
На оваа декларација и претходи Декларацијата за сувереност на Социјалистичка Република Македонија, донесена на седницата на Собранието на Република Македонија, одржана на 25 јануари 1991 година.
По повод меѓународното признавање на Македонија на одржана седница на 19 Декември 1991 година е потпишана Декларацијата за меѓународно признавање на Македонија како независна и суверена држава.
Кога станува збор за вредноста и значењето на овој вид на документи, разговаравме со проф. Ванчо Ѓорѓиев – раководител на Институтот за историја при Филозофскиот факултет. Во прилог дел од нашиот разговор:
Колку е значајна Декларацијата за независност на Р.Македонија?
Премногу, секако. Тоа е правен документ – акт врз кој се заснива независноста на нашата држава, таква каква што ја знаеме денес. Тоа е јавен документ, кој информативно треба да биде достапен за сите граѓани, но во исто време, оригиналот треба да биде заштитен и зачуван во најдобри услови. Во таа смисла би можеле да ги споменеме сите државно-правни акти, особено документите од Првото заседание на АСНОМ, кога се поставени контурите на нашата државност.
2. Што би се случило доколку на некаков начин овие документи (оригиналите) се изгубени или оштетени?
Правната вредност и валидноста на овие документи не престанува доколку по некаква немила ситуација истите се некако оштетени или изгубени. Тоа што е напишано во нив, секако не е во еден примерок, ја носи својата вредност и значение и продолжува да важи. Но, од аспект на историја и културно наследство, не смееме да си дозволиме да ги изгубиме оригиналите.
3. Која е инцијативата кон која како народ треба да се насочиме?
Иницијативата кон која треба да целиме е да ја ставиме историјата во функција на иднината. Бранејќи и афирмирајќи ја сопствената историја, го браниме и афирмираме сопствениот идентитет. Оттука, секој народ што претендира да го зачува својот идентитет треба да вложи во развојот на сопствената историска наука. А, со тоа ќе си ја обезбеди иднината.
Му благодариме на проф. Ванчо Ѓорѓиев за одвоеното време. Не воведе во значењето и вредноста на историското наследство низ низа значајни документи и артефакти.
Финално, од големо значење е да се грижиме за животното и културното наследство. Да градиме посветеност кон зачувување на историски информации и артефакти и воедно да создадеме пристапна култура кон истите.
